На поранешниот министер за образование и за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, неоправдано му бил продолжуван домашниот притвор за случајот „27 април“, прттесуди Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП).
За тоа, државата ќе треба да му плати оштета од вкупно 2.250 евра, во рок од три месеци од правосилноста на пресудата.
Судот во Стразбур утврдил дека недостигаат релевантни и доволни причини на неговото лишување од слобода и ненавремено биле разгледувани жалбите коишто се поднесувани за притворите, што е прекршување на член 5 ставови 1, 3 и 4 од Конвенцијата.
„Од 30 јули 2019 година до 21 август 2020 година (периодот релевантен за случајот пред Судот) на Спиро Ристовски 14 пати му бил продолжен куќниот притвор, поради ризикот од негово бегство. Писмените поднесоци на обвинителот како одговор на жалбите на Ристовски против 13 од налозите за продолжување не беа доставени до жалителот. Одлуките на Апелациониот суд со кои се отфрлаат жалбите на вториот жалител против наредбите за продолжување од 25 декември 2019 и 23 јули 2020 година, му биле доставени на 6 февруари и 25 август 2020 година соодветно. Во април 2023 година – како што објавија медиумите – апелациониот суд ја укина пресудата на Ристовски и го врати предметот на повторно разгледување. Тој се жалел според членовите 5, 3 и 4 од Конвенцијата на недоволни причини и одложено преиспитување на неговиот домашен притвор, како и на неиспраќање копија од писмените поднесоци на обвинителот“, наведено е во пресудата.
„…Со оваа пресуда практично е утврдена и повреда во материјална смисла, односно дека притворот неосновано бил продолжуван, а причините кои биле давани од страна на судовите не се доволни и не се релевантни согласно стандардот на Конвенцијата за да би го оправдале продолжувањето на притворот.
Ова е показател и доказ дека реално неоправдано бил држен во притвор толку долго време и дека постапката по којашто бил утврден притворот била нефер, па Судот во Стразбур и во тој дел утврдува повреда. Контрадикторноста на постапката не била запазена, па со самото тоа и постапката за притвор не била правична…
За жал, ние како држава немаме механизам како другите држави кои можат на утврдена повреда од Стразбур да може човек да бара надомест на штета“, вели адвокатот на Ристовски, Коста Богданов. за Плусинфо.